Компостирањето е најстар и најприроден начин на рециклирање на органската материја. Тоа е процес на разградување каде хумификацијата на органските материи оди до крај, при што се добива темна материја која што изгледа и мириса како хумус. Компостирањето е процес на биодеградација – контролирано биолошко разградување на органските материи содржани во органскиот отпад (зеленчук, овошје и слично), измешан со кафеава маса (суви лисја, гранки и слично) и градинарска земја во присуство на кислород, микроорганизми и доволна влажност.
Компостирањето како процес управуван од човекот, всушност, е забрзување на начинот на кој природата рециклира. Она што на крајот ќе се добие е компост. Тоа е биотермички метод на разградување на органските материи до состојки кои се безопасни за човекот и околината. Терминот компост доаѓа од латинскиот збор composituc што значи сложен или составен, а се однесува на смеса од различни органски отпадни материи кои под дејство на кислород и микоорганизами се разградуваат до ѓубриво. Компостот е, пред сè висококвалитетно органско ѓубриво. Тоа е растресит материјал со темнокафеава, темносива или црна боја и со изглед и мирис на плодна земја, т.е. хумус.
Компостот е делумно разложен облик на органска материја која се добива со ензимско разградување на растителниот материјал. Под растителен материјал се подразбира, пред сè, лигно-целулозните материи кои го сочинуваат растителното ткиво кај сите видови растенија. Ензимите произведуваат микроорганизми кои компостиrањето го прават и во природни екосистеми (бактерии, габи…)
Извадок од публикацијата “Од органски отпад до органски компост“ Доц. д-р Лилјана Колева-Гудева / Драги Јанев