Неформалните собирачи, клучни во процесот на селектирање и собирање на отпад

Неформалните собирачи, клучни во процесот на селектирање и собирање на отпад

2504
0
АКЦИЈА

Неформалните собирачи на отпад собираат најголем дел од амбалажниот отпад (од контејнери или депонии) кој завршува во легалните отпади низ општините во Македонија. Се проценува дека најмалку 5.000 луѓе во Македонија живеат или ги дополнуваат своите приходи со собирање отпад од пакување. Тоа се најчесто социјално-загрозени граѓани, за кои таквата активност е единствен извор на приход и егзистенција за нивните семејства. Токму поради тоа за да се обезбеди поголема контрола и организираност во собирањето на отпадот потребно е интеграција на овие луѓе во легалните општински системи за собирање отпад. На тој начин би се покажало разбирање за овие луѓе, вистински би им се помогнало, и секако би се овозможило собирање на поголеми количини на отпад во општините.Ова е главниот заклучок од истражувањето спроведено во рамките на Проектот „Застапување и лобирање за надминување на правните и административните пречки со кои се соочуваат неформалните собирачи на отпад и нивните семејства, реализирано од Македонскиот Центар за Меѓународна Соработка (МЦМС) и ПАКОМАК – Друштво за управување со пакување и отпад од пакување. Во истражувањето  беа опфатени 350 лица, граѓани на Република Македонија, во 10 општини, а се реализираше во период од 23.11. до 28.11.2015 година .89b746a4-f22b-4525-be9f-6574227997afОд Пакомак истакнуваат дека резултатите од истражувањето укажуваат дека приодот на интегрирање на овие луѓе во легалните општински системи за собирање отпад е подобро решение од репресивниот модел. “Овие луѓе остваруваат приходи за егзистенција од собирањето пластика и хартија, не ретко единствени приходи во семејствата каде живеат. Ако не го прават тоа поради евентуални репресивни мерки, а притоа не им се даде опција за друга легална работа, тогаш системот ќе ги тера да се преориентираат кон криминогени активности. Единствена вин-вин опција е да продолжат да го работат истото, но во рамки на легалните системи за собирање отпад во општините, контролирано и организирано. Нашите анализи велат дека тоа може да биде финансиски одржливо и за двете страни. Во таквата поставеност нема да се оштетуваат контејнерите за селекција на отпадот, а и количините на вреден отпад што се собираат ќе бидат поголеми”, велат од Пакомак. Високи  77% од испитаниците сметаат дека добро ја познаваат работата со отпадот и потребно е само подобрување во организацијата и легализација на „нивната работа„ Како форма на интеграција би можело да биде формирање на т.н рециклаторски дворови од страна на општините, во кои би се вработувале социјално-загрозените граѓани. Тое е поврзано и со исполнување на законската обврска со која Градоначалниците на Општините треба да имплементираат селекција на отпадот по типови кај населението во своите општини. Со тоа би имале официјален статус на вработени со обезбедно здравствено и пензиско осигурување, како и побезбедни услови за работа и сигурни примања.Истражувањето укажува на фактот дека неформалните собирачи се реалност и дека тие со никакви репресивни мерки не можат да бидат спречени во нивната „работа“. Во моментов се водат како невработени лица, без здравствено и пензиско осигурување.


Резултати од истражувањето

Од анкетираните 350 испитаници (неформални собирачи), 88% се Роми. Според степенот на образование, 40% од неформалните собирачи се без образование,  а 38% се со основно образование.

Што се однесува до состојбата со станбениот статус, само 44% до испитаниците имаат сопствен станбен простор, додека 33% од вкупниот број на испитаници изјавиле дека живеат во субстандарни простории или воопшто немаат постојан станбен простор.

Вкупниот број на членови на семејствата на испитаниците изнесува 1.465 лица, што во просек изнесува 4 лица/семејство, при што најмногубројно семејство има 8 члена. Вкупниот број на собирачи на отпад изнесува 698 лица, што во просек изнесува 2 лица/семејство.   Од видовите отпад, најчесто се собира ПЕТ амбалажа (81%), потоа картонот (45%), лименките (42%) и стаклените шишиња (2%). При собирањето на отпадот, речиси не користат заштитни средства (ракавици, наочари, маска и капа). Најголем број од испитаниците, или 37% собира отпад од 10 до 20 контејнерски места/дневно, 25% собираат на повеќе од 20 контејнерски места. За собирање и транспорт на собраниот отпад, 56% од испитаниците користат велосипед со приколка, 28% користат мотор со приколка, а останатите користат запрежни коли или отпадот го носат рачно. На прашањето дали од продадениот отпад можат да обезбедат доволно средства за живеење, само 4% одговориле позитивно, а 55% одговориле негативно. Од вкупниот број на испитаници, делумно обезбедуваат средства 41% од испитаниците. На прашањето дали би сакале да отпочнат со редовна работа, односно вработување, само 22% дале позитивен одговор, додека 14% дале негативен одговор. Изненадува фактот што најголем дел од испитаниците или 62%, одговориле „не знам“.

Извор: ПАКОМАК