Носам пластична облека, а можеби сум пластичен и јас – за влијанието...

Носам пластична облека, а можеби сум пластичен и јас – за влијанието на (микро)пластиката на околината и на нашите животи

2514
0
АКЦИЈА

Во Македонија сме соочени со макропроблемот на несистематско селектирање и нерегулирано рециклирање, така што микропластиката ни се чини како безначаен проблем, но што порано почнеме да размислуваме за ситните нешта, полесно ќе стигнеме до крупните.


Кон средината на минатиот век пластиката била чудотворен изум кој ја сменил индустријата и секојдневниот живот на човекот и верувам дека научниците кои учествувале во нејзиното пронаоѓање биле водени од искрена желба за напредок. Влијанието кое го извршиле врз човештвото било револуционерно, но истовремено и уништувачко врз живиот свет и околината. Дали има решение за „„пластичниот проблем“ и особено за проблемот со микропластиката, која е се  посеприсутна, останува да видиме. Во Македонија сме соочени со макропроблемот на несистематско селектирање и нерегулирано рециклирање, така што микропластиката ни се чини како безначаен проблем, но што порано почнеме да размислуваме за ситните нешта, полесно ќе стигнеме до крупните.

Пластична облека

На оние родени во седумдесеттите им е позната песната „Пластика“ од Идоли во која има еден стих „Јас носам пластична облека, а можеби сум пластичен и јас“. Тоа на времето ни се чинеше  како хумористична песна, но она што го зборуваше  е една еколошка вистина. Да, ние носиме пластична облека. Но, зошто?

Некогаш одамна облеката била правена од природни ткаенини како памук, свила, коноп и слично, но денес не е веќе така и во нашата облека има повеќе пластика отколку природни влакна.

Историјата на пластиката е фасцинантна колку и нејзините разни начини на употреба, но фокусот на текстов ќе бидат пластичните влакна. Првите истражувања на полимерите и синтезата на ПВЦ (поливинил хлорид) била направена во Германија во 1913 година, а првото синтетичко влакно бил најлонот, произведен од хемиската компанија DuPont (McIntyre, 2004). Историјата на лозата Дупон е интересна и може да се чита како криминалистички роман, и тоа не само настаните поврзани со Џон Дупон опишани во филмот Foxcatcher, туку и многу порано. Компанијата Дупон билa во центарот на индустријата на хемикалии. Во американската индустрија моментално се користат околу 50.000 хемиски соединенија а 25.000 се на пазарот. Повеќето ги вовела компанијата Дупон без тестирање за долгорочните ефекти врз живите суштества и врз околината (Colby, 2014).

Волис Каротерс (Wallace C. Carothers), научникот кој потрошил 10 години од својот живот за пронаоѓање на првото комерцијално употребливо вештачко влакно за Дупон – најлонот, не добил никаков надомест и се самоубил во 1937 година, со повеќе од 50 изуми за Дупон (Colby, 2014). По 1950-тите употребата на најлонот се проширила од првичната за женски чорапи, на гуми, ремени, теписи, чаршафи, кошули, завеси за туширање, четки за коса, четки за заби, музички жици, или како ликра (во комбинација со еластин) за спортска облека, костими за капење, скијачка облека итн.

Подоцна настапила ерата на полиестерот кој до крајот на векот опфаќа  60 отсто од пазарот на сите други синтетички влакна, додека најлонот само  13 отсто. (McIntyre, 2004) Полиестерот е евтин, едноставно се произведува, лесен е, лесно се бои, не се тутка и лесно се пере. Се употребува во сѐ што содржи и текстил, облека, мебел, теписи, филтери, каиши за автомобили, шатори итн. Од тогаш до денес синтетичките влакна сѐ повеќе се произведуваат, а потребни се 4 тони нафта за да се произведе 1 тон најлон или полиестер.Резултат со слика за plasticna obleka

Заклучокот (не) е едноставен

Пластиката е проблем. На локално ниво сме соочени со нерегулирано и нецелосно селектирање и рециклирање, но пред да ги решиме тие проблеми треба да се посветиме на намалена употреба (помалку купување) и реупотреба (подарување на тоа што не го користиме на тие кои имаат потреба). Постојат доволно начини на кои можеме да го оствариме тоа, преку меѓународни и невладини организации или здружувања на граѓани преку социјалните медиуми (како на пример активноста која ја правиме преку групата „Дај, не фрлај“ во која се подаруваат користени работи, а во голема мерка и облека, што може да се види преку оваа статистика), но потребно е и државата активно да се вклучи во овој процес. Преку нејзините механизми на едукација, јавни дискусии, акции и мотивации може да се гради свеста и да се поттикнуваат акции за решавање на овие проблеми. Сите заедно треба да работиме на малите (пластични) проблеми пред тие да станат преголеми.

Бранко Прља дипломирал на факултетот за Арт и дизајн на Европскиот универзитет. Како писател има објавено повеќе од 15 дела, а пишува и под псевдонимот Берт Стајн. Основач е на групите „Дај, не фрлај“ и „Не фрлај, не загадувај“, преку кои работи на ширењето на свеста за рециклирањето, реупотребата и намалената употреба со цел зачувување на околината.

линк до “Само ПРАШАЈ“