Започнаа градежните работи за санација на поројот на улицата „Првомајска“
По целосното завршување на неопходните подготовки, денеска, започнаа градежните работи за санација на поројот, односно, потпорниот ѕид на улицата „Првомајска“ кој пред дваесетина дена беше оштетен од обилните дождови. На терен со своите соработници беше и градоначалникот Коста Јаневски кој рече дека тој и Општината ќе бидат целосно во служба на граѓаните и не само овој, туку и сите нивни проблеми ќе се решаваат во најкраток можен рок.
-Веднаш по оштетувањето на поројот излеговме со моите соработници на терен и ветивме дека ќе го санираме во најкраток можен рок, еве, тоа денес и го правиме. Извесната нестрпливост на граѓаните кои што очекуваа брзо решавање на проблемот, јас потполно ја разбирам, меѓутоа, факт е дека за вакви градежни зафати неопходни се одредени минимални подготовки и тоа го сторивме во најкраток можен рок. Распишавме јавна набавка по итна постапка, се избра најповолниот изведувач и еве денеска се операционализира таа наша идеја и како што ветивме, ќе бидеме целосно во служба на граѓаните и нивните проблеми ќе ги решаваме во најкраток можен рок, рече градоначалникот Јаневски.
Градежните работи на поројот ги изведува „Џови компани“ ДООЕЛ од Мокриво.