Градоначалникот Коста Јаневски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска, го посетија селото Сачево каде што се врши чистење на одводните канали. Чистењето започна на иницијатива на општина Струмица, а во соработка со Јавното претпријатие за комунални дејности „Комуналец“ и АД Водостопанство, подружница „Струмичко поле“ и се спроведува во четири населени места.
-Целта на оваа посета е да ги согледаме досегашните активности кои што се направени во чистењето на каналите, проблем кој го лоциравме како еден од најгорливите кој со години беше присутен во населените места, а и граѓаните го лоцираа на врвот на нивните приоритети. Така ја почнавме акцијата и мораме да признаеме дека така темелно како сега не беа чистени подолго време, се разбира дека општина Струмица и порано правеше напори, каналите кои што се под нејзини ингеренции да ги исчисти, меѓутоа, ефектот секогаш беше недоволен и некомплетен затоа што поголемите канали кои не се во ингеренции на Општината секогаш остануваа недоволно исчистени и сега направивме една синхронизација со цел ефектите да бидат видливи и да можат луѓето да почувствуваат бенефит од таа акција. Оваа акција се спроведуваше во соработка со Министерството, ЈПКД „Комуналец“ и АД Водостопанство подружница „Струмичко поле“ и наши оперативни групи кои ги координираа тие работи, ефектите се очигледни и се надевам дека соработката ќе продолжи, за која сите се согласивме дека порано недостасуваше, сега веќе е еден премостен проблем кој ќе ни овозможи една поголема ефикасност и поголеми видливи резултати, рече градоначалникот Јаневски.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, струмичкиот, го посочи како добар пример кој ќе го имплементираат и во другите општини во делот на чистењето на каналите.
-Новиот концепт на соработка меѓу општината и АД „Водостопанство“ покажува дека на дело може да се видат резулатите. Со тоа се одговара на барањата на граѓаните и земјоделците од овој регион. Ресорното министерство е во активна соработка освен со општините и со „Водостопанство“ со цел да се помогнат и поддржат сите програми и инвестициски планови. Чистењето на каналите значи безбедно земјоделско производство во секој регион, вклучително и во Струмичкиот, како еден од најзначајните земјоделски региони во државата. Ова е еден добар пример кој ќе се потрудиме да го имплементираме и во други општини, рече Николовски.
Министерот Николовски го прифати барањето на градоначалникот Коста Јаневски за финансиска помош за уредување на полските патишта.
-Заедно со претседателот на Владата испланирани се 30 милиони денари наменети за изградба на полски патишта. Струмица има проблеми во овој дел и верувам дека еден добар дел од одобрените средства ќе се инвестираат во Струмица, односно, преку лоцирање на тие патишта каде е потребно да се интервенира, информираше министерот Николовски и додаде дека во наредниот период приоритет ќе биде рехабилитацијата на постоечките и изградба на нови системи за наводнување.