Во организација на Еколошкото друштво „Планетум“ од Струмица, денеска, се одржа конференција на тема „Потребата од заштита на планината Беласица“ на која што присуствуваа претставници на повеќе граѓански организации и институции чија дејност е поврзана со заштитата на оваа планина. Конференцијата е во рамките на спроведувањето на проектот „Мрежа за заштита на планината Беласица“, финансиски поддржан од Европската Унија. Покрената е иницијатива до министерството за животна средина и просторно планирање оваа планина да се прогласи за заштитено подрачје. Градоначалникот на општина Струмица, Коста Јаневски, кој ја поддржа иницијативата, во своето поздравно обраќање, рече дека планината Беласица треба да биде симбол на заедничка грижа кон природата и нашата иднина.
-Планината Беласица е природно богатство за кое што мораме максимално да се потрудиме да дадеме се од себе да го зачуваме и да и го дадеме вистинското значење на таа планина. Таа е значајна од повеќе аспекти, од еколошки, историски, значајна е како планина која што ја делат три држави и според моите сознанија нашите соседи имаат повеќе направена за неа во нивниот дел и мислам дека точно сега е време и ние да ја заштитиме во нашиот дел и да биде планина на пријателство, здружување, да биде симбол на заедничка грижа кон природата и нашата иднина, рече Јаневски.