Општина Струмица започна со изградбата на регионален стационар за кучиња бездомници

Општина Струмица започна со изградбата на регионален стационар за кучиња бездомници

1629
0
АКЦИЈА
Објектот е лоциран во близина на Пречистителната станица, а неговата изградба чини 10 милиони денари. Средствата се обезбедени од Бирото за регионален развој, дел од општината, а инвеститор е Центарот за развој на Југоисточниот плански регион. На почетокот на градежните работи присуствуваше градоначалникот на Струмица и претседател на Советот на градоначалници на Југоисточниот регион, Коста Јаневски. Истакна дека на проблемот со кучињата скитници граѓаните укажуваат подолго време и оти Струмица е прва од општините во регионот која почнува со изградба на стационар.Фотографија на Општина Струмица.

-Решавањето на проблемот со бездомните животни беше едно од најчестите барања на граѓаните упатено до нас, како локална самоуправа и уште на почетокот од нашиот мандат се зафативме со решавање на овој проблем во согласност со сите позитивни законски прописи кои што важат во Република Македонија. Мораше да се поминат некои чекори кои што се неопходни и неизбежни, како што е изготвување на проектна документација при што посебно се внимаваше на Законот за заштита и благосостојба на животните и еве после одреден временски период успеавме сите тие искушенија да ги пребродиме и денеска со задоволство можам да најавам почеток на еден убав проект кој што ќе реши еден горлив проблем на нашата Општина, а тоа е Стационар за бездомни животни. Овој проект ги вклучува и другите општини од нашиот Југоисточен плански регион и ќе има два стационара, едниот тука во општина Струмица, а другиот во општина Гевгелија кој за неколку дена ќе почне да се гради. Оваа инвестиција чини околу 20 милиони денари во првата фаза, а веќе имаме обезбедено грант од Швајцарската влада со поддршка на УНДП која обезбедува мебел, опрема и се друго што е потребно за еден ваков современ стационар, а тоа се боксови по современи норми, стручни лица кои што ќе вршат заловување на овие животни, стручен персонал кој што ќе учествува во третирањето на животните и мислам дека добиваме еден стационар кој што ќе има високи европски стандарди. Тендерот се распиша преку Центарот за развој на Југоисточниот плански регион и го доби фирмата „Атриум“ од Вевчани, се надевам дека професионално, брзо и во предвидените рокови ќе го завршат своите обврски и ќе можеме навистина со овој проект да се вклучиме во градовите кои што на висок, европски начин го регулираат ова прашање, рече градоначалникот Јаневски.


Според директорката на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион, Жулиета Ѓуркова, стационарот е пример каде сите десет општини во планскиот регион се вклучија во решавањето на овој навистина горлив проблем на хуман начин. Во Стационарот во Струмица ќе има 40 боксови за кучиња, но не се планира подолго задржување на животните. Овде ќе се згрижуваат кучиња скитници од општините Струмица, Радовиш, Босилово, Ново Село, Василево и Конче.