Монтажа на полу подземни контејнери

Монтажа на полу подземни контејнери

467
0
АКЦИЈА
ЈПКД „Комуналец започна со монтажа на полу подземни контејнери низ градот кои ги набави Општина Струмица преку ЈПКД „Комуналец“, а како што најави градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов планирано е во буџетот за 2024 година да се набават уште 20 вакви контејнери за отпад.
Станува збор за контејнери за мешан комунален отпад со капацитет од 5 метри кубни вдлабнати во земјата, а просторот околу нив ќе биде урбано уреден. Еден ваков контејнер заменува 5 метални стандардни контејнери, а со ставањето во функција на овие контејнери ќе се заменат и исфрлат од употреба старите, дотраени и отворени контејнери кои претставуваат извор на непријатна миризба и го нарушуваат изгледот на централното градско подрачје.
Со ова се олеснува собирањето и депонирањето на отпадот, бидејќи тие овозможуваат собирање на поголема количина отпад, заштитени се и нема да ја има таа грда слика со отпад околу нив како кај досегашните. Во процес е јавна набавка на специјално возило за подигање на овој отпад и по завршување на сите процедури се очекува во почетокот на наредниот месец да биде целосно ставено во функција. Ова ќе допринесе да се релаксира еден дел од механизацијата на „Комуналец“ која ќе се пренасочи во деловите на градот каде што има класично собирање на отпадот.
Во наредните денови ќе бидат поставени сите контејнери на локации во градот, почетно во централното градско подрачје, потоа и на периферните делови во градот. Се размислува подземните контејнери да се поставуваат и во населените места на територијата на општина Струмица. Како Јавно Комунално Претпријатие потенцираме дека само со правилно користење на овие контејнери и се разбира со нивно одржување и совесно однесување на граѓаните кои ќе ги користат секојдневно, секако ќе се подобри изгледот и хигиената низ градот.