Kултурно-уметничкиот проект „Уметност и вода – магија на животот”

Kултурно-уметничкиот проект „Уметност и вода – магија на животот”

1784
0
АКЦИЈА

Во рамките на културно-уметничкиот проект „Уметност и вода – магија на животот“ кој го спроведува Здружението за третман на вода со поддршка на Европската Унија, а во партнерство со општина Струмица, денеска, започнаа промотивните активности за одбележување на Светскиот ден на водата (22 март 2019 година) преку ликовната колонија со наслов „Нацртај ја водата“ во основните училишта во Струмица. Цртежите на учениците ќе бидат изложени на промотивниот настан на проектот кој е најавен за 20 мај на пречистителната станица во Струмица.


Локацијата на проектот е пречистителната станица за отпадни води во Струмица, каде преку уметнички подвиг и создавање мурали од страна на 5 македонски уметници, се работи на прашањето околу поддигнување на јавната свест за значењето на заштитата на водата како природен ресурс. Со примената на уметнички тактики, како што и самиот наслов имплицира, проектот инволвира ангажирање на уметници кои ќе ги украсат бетонските површини на пречистителната станица.

Преку овој проект се дава акцент на неопходната потреба од решавање на проблемот со отпадните води во нашата држава – со што значајно се подигнуваат стандардите за заштита на животната средина и се намалува надземното и подземното загадување. Секако, тоа се постигнува со планирање и примена на современи системи за третман на отпадните води кои се реализираат во согласност со стандардите и регулативите на Европската Унија. Со тоа се унапредува квалитетот на местата во коишто живееме и се запазува еколошкиот аспект на модерното живеење. Проектот е дел од кампањата „ЕУ за тебе“ со тематски пристап и почнува со нагласувањето на важноста од одржување на чиста животна средина, како една од клучните политики на Европската Унија и приоритетни сектори и области во кои таа инвестира.